Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски и официјално е нов фудбалер на еден од најдобрите шпански клубови, Џирона, откако доцна синоќа стави потпис на договорот со тимот од Ла Лига.
Еден од најголемите трансфери во историјата на македонскиот фудбал реализиран од 25-годишниот Миовски кој кариерата ја продолжува во една од Топ 5 лигите во Европа.
Миовски, според информациите на ЕКИПА, вчера попладне во Џирона најпрво успешно ги мина лекарските прегледи во клубот по што доцна синоќа потпиша четиригодишен договор, до јуни 2028 година со тимот кој е во системот на гигантот Манчестер сити.
Досегашниот клуб на македонскиот напаѓач, шкотски Абердин, од трансферот доби 8,5 милиони евра што е и нов рекорд за клубот. Досегашниот трансфер-рекорд на Абердин беше оној на Калвин Ремзи кој за 4.9 милиони евра премина во редовите на Ливерпул.
Миовски имаше извонредни две сезони за Абердин, постигнувајќи 44 голови во 97 натпревари во црвениот дрес, по што неизбежен беше и мега-трансферот во Џирона. По синоќешниот потпис денеска ќе следи и официјалната промоција на македонскиот репрезентативец во новиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА