Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски по вчерашниот потпис, денеска и официјално промовиран во дресот на најтрофејниот шкотски клуб, Глазгов Ренџерс.
Миовски потпиша четиригодишен договор со Ренџерс до јуни 2029 година, откако минатата сезона ја играше во шпанска Џирона. Претходно, извонредно играше за Абердин, па сега повторно се враќа на Островот. Македонскиот напаѓач од 2022 до 2024 година играше за Абердин и постигна 44 голови.
„Навистина сум возбуден што се приклучувам на Ренџерс и го правам следниот чекор во мојата кариера. Ова е огромен клуб со неверојатна историја и чест ми е што имам можност да бидам дел од него. Во моментот кога слушнав за интересот, знаев дека ова е местото каде што сакам да бидам. Едвај чекам да започнам, да ги запознаам моите нови соиграчи и да ги одиграм првите минути за клубот“ – истакна Миовски по потписот за Ренџерс.
Воодушевен е и тренерот на шкотскиот клуб, Расел Мартин.
„Воодушевени сме што го донесеме Бојан во Ренџерс. Неговото движење, интелигенција и способност за постигнување голови го прават вистински адут и тој дополнително ќе ги зајакне нашите напаѓачки опции. Тој знае сè за шкотската Премиерлига и има силна евиденција за перформанси и придонес во лигата, па затоа сум возбуден што го поздравувам во нашиот тим“ – рече Мартин.
Како што пренесуваат дел од шкотските медиуми, Миовски во Глазгов Ренџерс се сели за вкупен трансфер од околу 8 милиони евра, со тоа што Шкотите веднаш на Џирона ќе и исплатат 2,8 милиони евра, а остатокот дополнително преку бонуси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА