Бојан Трајковски си обезбеди место во историјата на мак-баскетот како прв играч кој успеал во иста натпреварувачка сезона да стигне до два трипл-дабл натпревари, откако ветеранот беше во главна улога и на вечерашниот триумф на Феникс над Академија ФМП изразен со убедливи 109-76. Крилниот центар доминираше против младиот гостински состав од Кисела Вода, реализирајќи 19 поени, 10 скокови и 11 асистенции пред да биде испратен со аплаузи од публиката кон клупата за резерви, на помалку од една минута до крајот.
Победата на домашниот состав во ниту еден момент не беше доведена во прашање, Феникс го отвори мечот со серија од 16-0, а тимот на тренерот Дервишевиќ ја заврши стартната четвртина со импресивни 32-9. Победата практично беше осигурана по десет минути игра, па Феникс рутински ја одржуваше убедливата предност, многу работи во играта се вртеа околу Трајковски, а шанса добија и дел од помладите кошаркари на домашниот состав.
Покрај одличниот Трајковски, во победничкиот тим се истакнаа и Рис со 24 поени и 18 скокови и младиот Стојковиќ со 12 поени и пет асистенции. Најефикасни во таборот на Академија ФМП беа Петровски и Масевски со по 19 поени.
Само за потсетување, Трајковски првиот трипл-дабл сезонава го имаше на дуелот со Работнички, кога го предводеше Феникс до триумф со одличен ефект од 12 поени, 13 скокови и 10 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА