Бојиќ: Ако Пелистер одигра како знаеме, ќе славиме во Гевгелија…

Кошаркарите на Пелистер продолжуваат со настапите во Првата лига, во обид под водство на новиот тренер Трајковиќ да врзат две победи во низа. По триумфот со големиот пресврт над Гостивар, „пелистерци“ сега ги очекува нов предизвик на гостувањето во Гевгелија против екипата на Кожув (18 часот). „Зелено-белите“ работеа напорно во изминатиот период под водство на Трајковиќ, се со цел оваа екипа конечно да заигра во рамките на потенцијалот што го поседува, најпрвин на завршниот турнир од Купот на Македонија, потоа и за завршницата од Супер-лигата и битката во плејофот.

Кожув е тим што на досегашните седум домашни средби сезонава има шест победи и само еден пораз, но „зелено-белите“ се оптимисти, меѓу другото поради традицијата која вели дека Пелистер доминира во последните години во дуелите со денешниот ривал. Битолскиот клуб има девет победи во низа на дуелите со Кожув, а последниот пораз го има претрпено во февруари 2020 година.

„Пред нас е тежок натпревар против квалитетен противник. Имаме респект за екипата на Кожув, но верувам дека клучно ќе биде ние да одиграме на нивото на кое сме способни, бидејќи тоа може да ни ја донесе победата. Најважно ќе биде да се неутрализираат нивните бекови, тие се двигателите на играта на Кожув и доколку ги запреме ќе завршиме голем дел од работата. Контролата на скокот исто така ќе биде важен аспект во нашата игра, исто како и дефанзивното и офанзивното трчање. Ако ги исполниме овие работи, верувам дека ќе стигнеме до триумфот што многу го посакуваме“, изјави Андрија Бојиќ, центарот кој сезонава е меѓу најдобрите кошаркари во таборот на Пелистер.

Се вчитува...