Кошаркарите на Пелистер максимално подготвени го дочекуваат денешниот премиерен меч од АБА2 лигата во кој за противник ќе го имаат составот на Широки Бријег. Дуелот почнува во 18 часот, а ќе остане запаметен како прв во историјата што „пелистерци“ го играат во својата Битола во рамките од регионалното натпреварување. Противникот е квалитетен, поранешен тим од АБА1 лигата, но избраниците на Александар Петровиќ најавуваат жестока борба за да се стигне до посакуваната победа.
Јасно е дека е неопходен и значаен напредок во играта во однос на поразот од МЗТ Скопје во Супер-купот на Македонија, од кој ќе треба експресно да се извлече поука.
„Она што прво треба да го направиме е да го оставиме зад себе оној меч со МЗТ Скопје од пред неколку дена. Ние сме многу подобар тим од она што го покажавме на тој натпревар, работевме напорно во текот на подготовките и сакаме да излеземе на терен со нашето вистинско лице, да ги покажеме квалитетите што ги поседуваме. Противникот е квалитетен, но истото се однесува со нас, а верувам дека со помош на навивачите можеме да стигнеме до посакуваниот триумф“, изјави Андрија Бојиќ, српскиот крилен центар кој беше една од ретките светли точки на дуелот со МЗТ.
Бојиќ ланската сезона ја мина во дресот на Слобода Тузла, со што имаше можност да одигра повеќе натпревари против денешниот ривал.
„Навистина, играв неколку средби со Широки ланската сезона и можам да кажам дека е тоа искусна екипа што ја краси цврста кошарка. Никогаш не е лесно да се игра со такви тимови, мора да се биде стопроцентно фокусиран од почеток до крај. Она што според мене ќе биде клучно е борбата под обрачите, офанзивниот и пред се затворањето на рекет и дефанзивниот скок. Ако успееме да издоминираме во овој аспект од играта, ќе направиме голем чекор напред за да се радуваме на крајот“, порачува Бојиќ преку клупската веб-страница на Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА