Фудбалерот од средниот ред на Струга ТЛ, Бесмир Бојку, вели дека сите мора да ја заборават елиминација од Жалгирис во квалификациите за ЛШ и максимално да се концентрираат на денешната пресметка со црногорскиот Будуќност во 2. квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА.
Бојку вели дека и самиот е одлучен, но и приземен, во очекување на денешниот дуел во Охрид.
„Се соочивме со многу силен и искусен противник како Жалгирис, кој е десеткратен шампион во Литванија. Секако, секогаш ги анализираме натпреварите и во пораз и во победа. Мислам дека го загубивме натпреварот поради два момента на недоволна концентрација“ – вели Бесмир Бојку.
Сепак, како што вели Бојку, играчите се целосно фокусирани на денешниот натпревар, верувајќи силно во победа и пласман во следната фаза. Дури и ждрепката, според него, ја фаворизира струшката екипа во случај на пласман во следната рунда. Но, прво треба да се мине Будуќност.
„Деновиве детално го анализиравме противникот. Знаеме против кого играме. Мислам дека нема лесен противник во Европа, бидејќи секој е шампион во својата земја. Добра вест беше ждрепката за третата фаза, која можеше да ни биде уште потешка, но имавме малку среќа. Сепак, мора да си ги завршиме обврските бидејќи исто како нас се подготвуваат и противниците“, вели Бојку, и дополнува:
„Ги повикувам сите стружани да не поддржат бидејќи имаме златна можност да испишеме историја со нашиот клуб. Овие моменти ќе се паметат многу години“.
Натпреварот меѓу Струга ТЛ и Будуќност Подгорица се игра денеска од 17 часот на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА