Македонските боксери Гоце Јанески и Јасин Љама се уште се во Лондон, каде „заглавија“ по настапот на предолимпискиот турнир за ЛОИ во Токио. Двајцата загубија со технички нокаут, а потоа дополнително ги „нокаутираше“ веста дека не можат да се вратат во Македонија поради затворените граници во Европа како последица на коронавирусот. Сега чекаат хуманитарен лет од Владата за да се вратат во Македонија и да заминат во задолжителен 14-дневен карантин.
„Боксерите и понатаму се во Лондон, згрижени се во хотел, не се во карантин бидејќи не се заразени и нема потреба, немале никаков контакт со Хрватите кои престојувале во сосема друг хотел за време на турнирот. Јанески и Љама се во очекување Владата да организира хуманитарен лет од Лондон за да се вратат во земјата, во моментов нема друга опција како да ги вратиме“, велат од Боксерската федерација на Македонија.
Хрватската боксерска делегација се врати од Лондон со симптоми на коронавирус и обелодени дека организаторите на турнирот не поделиле никакви средства за заштита, ниту маски, ниту средства за дезинфекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА