Диего Симеоне не може да крене глава од проблеми со повредени фудбалери, откако на долгата листа на членови на „болницата“ во Атлетико се приклучи и Коке. Одличниот играч за врска се повреди на последниот натпревар против Хуелва, а лекарскиот тим на Атлетико попладнево објави дека станува збор за истегнување од прв степен на мускулот на ногата.
Она што е сигурно е дека Коке ќе го пропушти претстојниот меч со Хетафе, за кој Симеоне ќе мора да повика играчи од младинската екипа бидејќи на располагање има само десет здрави фудбалери од сениорскиот тим.
Покрај Коке на листата на повредени се уште и Савиќ, Луис, Витоло, Саул Нигез, Мартинс и Диего Коста, а против Хетафе нема да игра ниту Анхел Кореа поради суспензија.
Поради ваквата ситуација, челниците на Атлетико се принудени да ги интензивираат преговорите со Челси за Алваро Мората до крајот на оваа седмица да се врати во татковината и да може експресно да му се стави на располагање на Симеоне.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА