Болоња уште еднаш покажа зошто е најпријатно изненадување во Калчо-лигата сезонава откако избраниците на Тијаго Мота со извонредна игра на гостински терен ја совладаа Рома со 1-3, правејќи уште еден огромен чекор напред кон учество во Лигата на Шампионите следната сезона. Рома влезе со четири бода заостанување зад Болоња во трката за четвртото место, но избраниците на Де Роси налетаа на одличен противник кој со дисциплинирана игра заслужено стигна до цел плен.
Болоња рано поведе откако Ел Азузи одлично се снајде во 14. минута и со велемајсторски удар ја смести топката во мрежата. Салемакерс ја погоди гредата од слободен удар, а подобрата игра беше крунисана и со втор гол постигнат пред самиот крај на полувремето, дело на Циркзе.
„Волчицата“ се обиде да се врати, преку Азмун успеа да намали на 1-2, но Болоња стави печат на победата со својот трет гол на мечот, откако Салемакерс велемајсторски го матираше домашниот голман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА