Кристијано Роналдо е достапен на пазарот, што е доволна причина за будење на најбогатите газди во светскиот фудбал кои се вклучуваат во „лицитацијата“ за португалската мегаѕвезда. Манчестер јунајтед размислува за враќање на својот поранешен играч, ПСЖ подготвува богата понуда, но од денеска во трката по Кристијано се вклучи уште еден сериозен „играч“ – Роман Абрамович.
Рускиот газда планира да ја демонстрира својата моќ и по освоената титула во Премиер-лигата да го доведе Роналдо како мегаѕвезда во тимот со кој Антонио Конте би атакувал на титулата во следната сезона. Првиот човек на Челси е подготвен да испрати понуда што не се одбива, во која покрај сумата од неколку десетици милиони евра во Мадрид би го испратил Еден Азар. Белгиецот е еден од омилените фудбалери на Зинедин Зидан, па сигурно опцијата за негов ангажман ќе биде многу интересна за „кралскиот клуб“, доколку во меѓувреме Флорентино Перез не успее да го убеди Кристијано да го промени својот став.
Шпанскиот гигант со Азар во тимот, заедно со Килијан Мбапе за кого преговорите се во тек, би успеал да го надополни заминувањето на својот најдобар фудбалер, додека Роман Абрамович би си ја исполнил желбата да доведе една од најголемите ѕвезди на „Стемфорд бриџ“, по неуспешните обиди во минатото да потпише со Лионел Меси и со Нејмар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА