„Бомба“ на Матиќ за пресврт во „90-та“ на Манчестер јунајтед против Кристал палас

Манчестер јунајтед стигна до триумф на гостувањето кај Кристал палас откако фудбалерите на Жозе Мурињо го свртеа резултатот во своја корист за конечни 2-3. „Црвените ѓаволи“ мораа да надоместат два гола негатива по педесетина минути игра. Избраниците на Рој Хоџсон преку контранапади два пати го најдоа патот до мрежата на Давид Де Хеа, Смолинг и Лукаку се погрижија за нивниот тим да не доживее дебакл, додека тешко заработените три бода на „Селхарст парк“ ги донесе Немања Матиќ со прекрасен погодок кон почетокот на судиското надополнување.

Андрос Таунсенд го отвори резултатот во 11. минута, по комбинација на Миливојевиќ и Бентеке, топката стигна до Англичанецот кој со мала помош на Линделоф ја затресе мрежата на шпанскиот голман. По неполни три минути во вториот дел, Патрик Ван Анхолт зголеми на 2-0 по брзата реакција на Шлуп кој веднаш го изведе прекршокот, а Холанѓанецот го матираше Де Хеа.

Крис Смолинг набрзо потоа намали на 2-1, дефанзивецот ја испрати нафрлената топка од Валенсија и ги врати надежите на Јунајтед, додека Лукаку ја искористи мешаницата пред голот на Хенеси. Со почетокот на 91. минута од средбата Немања Матиќ го обезбеди пресвртот и важни три бода за „црвените ѓаволи“.

 

Се вчитува...