Мохамед Салах е најзаслужен што Ливерпул има голема предност на врвот на табелата, но големиот ас вечерва ги шокираше навивачите на „црвените“ најавувајќи дека ги минува последните месеци во гигантот од „Енфилд роуд“. Салах има договор со Ливерпул до јуни 2025, неколку пати најави дека сака да остане во клубот, но барем засега не успева да најде заеднички јазик за продолжување на соработката.
„Секако дека сакам трофеј. Пред секоја година велам дека повеќе сакам титула во ЛШ, но овојпат ситуацијата е поинаква, навистина би сакал да го кренам пехарот во Премиер-лигата. Онаа година кога бевме шампиони беше пандемиска и не можевме да ја прославиме како што треба, се надевам дека повторно ќе стигнеме до титулата и ќе ја прославиме со нашите фанови како што доликува. Ова ми е последна сезона во Ливерпул, сакам да ја завршам со титула“, изјави Салах во видео-интервјуто за „Скај Спортс“.
Завршниот коментар на Египќанецот повлече со себе и ново прашање од новинарот: Последна сезона? Навистина ли се чувствуваш така?
„Па влеговме во последните шест месеци. Разговараме долго, но засега нема напредок во преговорите. Како што во моментов е ситуацијата, оваа сезона ќе ми биде последна во Ливерпул“, одговори најдобриот фудбалер во Премиер-лигата оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА