Како што се ближи финишот на оваа сезона така се погласни се и шпекулациите за мегатрансфери на врвните фудбалери. Во главна улога е европскиот првак Реал Мадрид, чиј претседател Флорентино Перез веќе најави мини-ремонт на тимот за наредната сезона.
Како што јавуваат британските медиуми, „кралевите“ се решени да пазарат од Манчестер јунајтед, но не станува збор за Давид де Хеа. Флорентино Перез го има „пикирано“ Пол Погба како засилување за средниот ред. Во ситуација кога Реал се премислува од офанзива по Азар, сега на листата со желби се наоѓа и Антони Марсијал, брзоногиот крилен офанзивец кој е по вкусот на тренерот Зинедин Зидан.
Перез нема намера да испраќа мултимилионска понуда, туку планира да направи директна размена на играчи со „црвените ѓаволи“. Лука Модриќ и Герет Бејл се фудбалерите за кои Жозе Мурињо има исклучително високо мислење, а кои Реал Мадрид е подготвен да ги испрати назад во Премиер-лигата за да дојде до двајцата фудбалери на јунајтед. Бејл секако е подготвен за заминување од Мадрид, додека Модриќ е лидер на средниот ред на „кралевите“, но Перез сериозно размислува да го пушти да си замине за да го доведе помладиот и маркетингшки поисплатливиот Погба.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА