Амбициозниот проект на КК Пелистер не се откажува од намерата за создавање на екипа за највисоки дострели, па битолчани вечерва потпишаа уште едно големо засилување. Станува збор за македонскиот репрезентативец Андреј Магдевски, кој го стави потписот на договорот со „пелистерци“ и ќе биде огромен плус во тимот на Дарко Радуловиќ во продолжението од сезоната.
Магдевски беше без клуб од стартот на сезонава, откако ланскиот шампионат го стартуваше во дресот на МЗТ Скопје, потоа се пресели во холандски Донар, каде не доби продолжување на соработката иако беше меѓу најдобрите кошаркари на оваа екипа минатата сезона. Македонскиот репрезентативен плејмејкер од утре би требало да почне со тренинзи со екипата, а неговото доаѓање значи и дефинитивно заминување на Американецот Ренди Брамант, кој не ги оправда очекувањата на стручниот штаб.
Битолчани не ја почнаа сезоната според очекувањата, во првите две кола загубија од Гостивар и од Работнички, но тоа само уште повеќе ја зголемува решителноста кај клупската управа за влез во победничка серија. Она што е најважно за Пелистер, во изминатите месеци беа подмирени големи долгови наследени од претходните раководства, па сега со чиста сметка клубот може да донесе квалитетни засилувања.
„Уште од самиот почеток на подготовките ставивме знаење дека наша цел како управа е да го поставиме клубот на здрави нозе. Проблемите со кои се соочивме поради долговите од минатото беа пречка во формирањето на ростерот, но тоа веќе е надминато. Горди сме што можеме да кажеме дека сите странци кои играле за КК Пелистер во изминатите неколку години се целосно исплатени, од домашните кошаркари остана уште мал дел од долгот што ќе биде подмирен во блиска иднина, па ќе можеме да одиме напред и да го развиваме клубот онака како што посакуваме. Потписот на Андреј Магдевски е само уште еден доказ за сериозноста на нашиот проект, во кој собравме неколку македонски репрезентативци“, изјави директорот на КК Пелистер, Филип Ивановски, за ЕКИПА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА