„Бомба“ од Италија: Гвардиола четири години во Јувентус

Информација за фудбалска „бомба“ стигнува од Италија, откако познат новинар од Апенинскиот полуостров објави дека Јувентус веќе се договорил со Пеп Гвардиола за овој врвен стратег да седне на клупата на „старата дама“. Луиџи Гуелпа од весникот „Il Giornale“ лани се прослави откако прв објави дека Јувентус го договори трансферот на Кристијано Роналдо од Реал Мадрид.

Сега Гуелпа е убеден дека повторно ги има вистинските информации, обелоденувајќи дека Гвардиола се согласил на соработка со Јуве прифаќајќи го четиригодишниот договор што му бил понуден од страна на актуелниот италијански шампион.

„Дознав дека Пеп Гвардиола има вербален договор со Јувентус за следните четири години. Информацијата е од истата личност што ми го обелодени и трансферот на Роналдо“ – открива Гуелпа.

Каталонскиот стратег делува среќно во Манчестер Сити, клуб со кој го освои пехарот во лига-купот, а се уште е во игра за пехарите во Премиер-лигата, ФА Купот на Англија и во Лигата на шампионите. Сепак, покренатата истрага на УЕФА против Сити за прекршување на финансискиот ферплеј може да придонесе „граѓаните“ да бидат исфрлени од ЛШ за наредната сезона, што Гвардиола може да го искористи за да побара заминување од Манчестер.

Се вчитува...