Кристијано Роналдо не е задоволен од случувањата во Манчестер Јунајтед и летово ќе си замине од „Олд Трафорд“, а негова следна дестинација би можела да биде Рома.
Италијанскиот весник „Ла Република“ тврди дека Роналдо се повеќе е песимист дека Јунајтед во наредната сезона би можел да состави сериозен тим со кој би се борел за трофеи. Иако односот со новиот тренет Тен Хаг навидум му е сосема добар, Кристијано веќе побарал од својот агент Жорге Мендеш да најде нов клуб за наредната сезона. Челниците на Јунајтед сакаат да го задржат Португалецот, но тој е убедливо најплатен фудбалер во тимот и влегува во последната година од договорот, па ако постои опција за заминување, Тен Хаг би ја искористил за да направи целосен ремонт во тимот.
Според „Ла Република“, идеална опција е Рома, каде тренер е Жозе Мурињо, трофејниот стручњак што имаше добра соработка со Роналдо во Реал Мадрид. Португалецот ја освои Конференциската лига на УЕФА, но сега сака да направи уште посилен тим, а Кристијано би бил идеален лидер кој би внел победнички менталитет во екипата, како што тоа го стори Златан Ибрахимовиќ во Милан.
Португалскиот голгетер би требало да се согласи на намалување на платата во однос на она што го заработува во Англија, но извори блиски до Роналдо тврдат дека тој би бил подготвен за вакво нешто доколку добие интересна понуда од спортски аспект, во тим со кој би свртел нов лист во кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА