„Бомба“ од НБА: ЛА Клиперс потпишаа со Ленард и со Пол Џорџ

Каваи Ленард конечно донесе одлука за својата иднина, договарајќи го трансферот во таборот на Лос Анџелес клиперс. Херојот на Торонто од плејофот при историската титула на крајот сепак реши да го напушти канадскиот клуб, а од неколкуте понуди на маса ја избра токму онаа на ЛА Клиперс. Тој имаше опција да им се приклучи на Леброн Џејмс и на Дејвис во ЛА Лејкерс, но наместо тоа реши да замине во таборот на клиперси.

А за амбициите на ЛА Клиперс доволна потврда е фактот дека овој клуб обезбеди уште една мега-ѕвезда, Пол Џорџ. Тој реши да си замине од таборот на Оклахома Сити, па ќе му се приклучи на Ленард во Лос Анџелес, во размена во која во Оклахома ќе заминат Галинари, Александер и неколку избори од драфтот на клиперси во наредните години.

Нема дилеми, бројните трансфери на почетокот од месец јули ќе придонесат новата сезона во НБА-лигата да биде максимално интересна. Голден Стејт без Дурант го губи приматот на „дрим-тим“ на „Западот“, двата тима од Лос Анџелес се максимално амбициозни, додека на „истокот“ Бруклин покажува желба за доминација.

Се вчитува...