„Бомбастични“ информации од Островот поврзани со македонскиот „дијамант“ кој игра одлична сезона во дресот на Наполи. Англискиот гигант Манчестер Јунајтед сака во јуни да го доведе Елиф Елмас!!!
Како што пренесуваат англиските медиуми, но и италијански „Тутомеркато“, засилувањето на средниот ред се смета за главен приоритет на Јунајтед.
Постојат сугестии дека „Црвените ѓаволи“ би можеле да доведат повеќе од еден играч во средниот ред, особено со оглед на тоа што Кашемиро треба да замине на крајот од сезоната, откако ќе му истече договорот, а меѓу водечките на листата посакувани имиња е Елиф Елмас!
„Елмас сезонава има 36 настапи за Наполи во сите натпреварувања, придонесувајќи со еден гол и три асистенции во овој период. Првично беше доведен за да ја преземе улогата на офанзивен играч од средниот ред, но повредите на неговите соиграчи го принудија Антонио Конте да го користи на различни позиции. Па, одличниот Македонец сега е распореден и во централниот среден ред, дефанзивниот среден ред, па дури и на двете крила. Елмас е исклучително разновиден, што ја зголемува неговата привлечност за европските клубови“ – пишува Тутомеркато, кој тврди дека Јунајтед „го следи интензивно последните недели“.
„Се подразбира дека и други клубови од Премиерлигата би можеле да влезат во игра поради неговата „екстремно ниска“ проценета цена од 16 милиони евра. Ова е опцијата за купување што беше вметната во неговиот договор кога се пресели во Наполи од Лајпциг. Екипата на Конте може да одлучи да ја активира, а подоцна да го продаде играчот, остварувајќи профит без нивната цена да биде превисока“ – дополнува Тутомеркато.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

