Претседателот на Динамо Загреб, Мирко Баришиќ наводно го контактирал асот на Реал Мадрид и му предложил да се врати во Динамо, пишува „Индекс“.
Модриќ на лето му истекува договорот со Реал Мадрид, и извесно е дека таму нема да остане, па таа ситуација сакаат да ја искористат во Динамо, и да го ангажираат освојувачот на Златната топка од 2018 година.
Баришиќ на Модриќ му соопштил дека вратата му е отворена, а хрватскиот репрезентативец му вратил дека е задоволство што добил повик да се врати во Динамо, и ќе го земе во предвид во одлуката каде ќе ја продолжи кариерата.
Модриќ минатото лето имаше понуди од Саудиска Арабија, но не ги прифати и остана дел од Реал, каде сезонава главно почнува од клупата. Хрватот исто така добил понуда да биде дел од стручниот штаб на „кралевите“.
Модриќ во 2008 година од Динамо замина во Тотенхем за 22,5 милиони евра, а после четири години замина во Реал Мадрид каде освои се што можеше да се освои.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА