Во пресрет на следната фаза од натпреварувањето, прволигашите кои ќе разигруваат за трофејот во Првата женска лига почнаа да ги засилуваат своите редови. По странските засилувања во Струга и Крива Паланка, репрезентативките во редовите на Бадел, на „домашен погон“ ќе се обиде да стигне до трофеј и лидерот на „Истокот“, Баскет КАМ.
Имено, составот од Македонска Каменица се наоѓа пред потпис со една од нашите најдобри кошаркарки, Алџелика Митрашиновиќ која оваа сезона настапува во редовите на Будуќност во женската конкуренција на АБА лигата, тим со кој вечера стигна до финалето од натпреварувањето, но за жал не успеа да ја помине и последната пречка.
Митрашиновиќ оваа сезона на 12 одиграни меча за црногорскиот состав во регионалното натпреварување бележи просек од 9.6 поени, 4.4 асистенции и 2.7 скока, па јасно е дека репрезентативката ќе биде огромно засилување за лидерот на табелата.
Составот на Цветановски оваа сезона не знае за пораз на домашната сцена со девет победи од исто толку натпревари. Во последниот натпревар од регуларниот дел од првенството Баскет КАМ го пречекува Вардар на домашен терен во директна битка за првото место на табелата во „источната“ група, меч на кој домаќините ќе можат да си дозволат и пораз со оглед на тоа што во првиот меѓусебен дуел оваа сезона тимот од Македонска Каменица славеше со убедливи 23 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА