„Бомба“ во најава: Пеп Гвардиола, нов селектор на Англија?

Пеп Гвардиола освои се што можеше да се освои со Манчестер Сити, што може да придонесе трофејниот стратег да си замине од клубот една година порано од предвиденото. Тој има договор со „граѓаните“ до јуни 2025 година, но британските медиуми тврдат дека би можел следното лето да го напушти кормилото на актуелниот европски првак за да стане селектор на Англија.

Герет Саутгејт засега е сигурен на чело на англискиот национален тим, но тоа би можело да се промени со настапот на „гордиот албион“ на ЕП 2024 во Германија. Откако стигнаа до финалето на последниот европски шампионат, Англичаните догодина ќе го нападнат тронот на европскиот фудбал и секој резултат освен кревањето на шампионскиот трофеј би се сметал за неуспех.

Тоа ќе предизвика дополнителен притисок врз Саутгејт, особено по најавите дека на негово место би можел да пристигне врвен тренер како што е Гвардиола. Каталонецот неколку пати повторуваше дека репрезентативниот фудбал му е предизвик што би го прифатил во иднина, а понуда од селекција како Англија сигурно ќе биде сериозно разгледана од страна на овој трофеен стручњак.

Се вчитува...