Веќе нема никакви дилеми – Леонардо Бонучи во текот на денешниот ден ќе потпише договор со Милан во најголемиот трансфер во фудбалска Италија во овој преоден рок. Извонредниот дефанзивец инсистираше од неколкуте понуди за неговите услуги Јувентус да ја разгледува токму онаа на „росонерите“, поради неговата желба да остане во Италија.
Двата клуба за помалку од 48 часа постигнаа целосен договор, „росонерите“ ќе платат 40 милиони евра, плус дополнителни два милиони преку две различни клаузули што ќе треба да бидат исполнети. Бонучи уште во текот на вчерашниот ден се поздравил со своите соиграчи од Јувентус, а италијанските медиуми информираат дека тој веќе се наоѓа на пат за Милано, каде попладнево ќе ги мине лекарските прегледи пред да потпише договор со Милан. Италијанскиот репрезентативец ќе потпише петгодишен договор за плата од 6,5 милиони евра по сезона, со што ќе стане најплатен дефанзивец во италијанското првенство.
Експедицијата на Милан денеска патува на турнеја во Кина, но Бонучи ќе се приклучи дополнително заедно со Лукас Билја, кој исто така денеска треба да го комплетира трансферот на „Сан Сиро“, откако „росонерите“ конечно се договорија со Лацио висината на отштетата за Аргентинецот да изнесува 20 милиони евра.
Со овие двајца фудбалери Милан ќе стигне до бројката од девет одлични засилувања во текот на летово, откако претходно ги доведе и Рикардо Родригез, Андреа Конти, Франк Кеси, Андре Силва, Матео Мусакио, Хакан Чаланоглу и Фабио Борини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА