Бонучи и Кјелини – тандемот што ја прави Италија моќна

Италија игра извонреден европски шампионат и заслужено стигна до големото финале на „Вембли“, а главна одлика на „аѕурите“ и на ова големо натпреварување е цврстата одбрана. А кога станува збор за италијанската одбрана, клучот на успехот со години наназад лежи во беспрекорното функционирање на тандемот Кјелини – Бонучи.

Џорџо Кјелини на 36-годишна возраст може да се пофали со 111 средби за италијанската репрезентација, додека две години помладиот Бонучи досега има 108 натпревари во дресот на „аѕурите“. Од последните единаесет сезони, тие одиграа десет како соиграчи во Јувентус, освојувајќи осум скудета.

„На главата имам најмалку 100 конци, од стартовите и дуелите со противниците. За мене, одбраната е уживање, блокирањето на противнички удар е прекрасно чувство. Посреќен сум кога ќе спречам противникот да даде гол отколку кога јас ќе ја затресам мрежата“, коментира Џорџо Кјелини.

Жозе Мурињо пред неколку години изјави дека Кјелини и Бонучи треба да заминат на универзитетот Харвард и да држат предавање за играње на одбрана во фудбалот.

„Го познавам подобро отколку што ја познавам сопствената сопруга. Знаеме како дише другиот, тоа прави толку добро да се разбираме на теренот“, вели Бонучи.

Овој тандем функционираше беспрекорно и против Белгија и против Шпанија, а сега останува да одговори на предизвикот и против моќниот напад на Англија. Ако Кјелини и Бонучи го завршат својот дел од работата, речиси сигурно е дека Италија вечерва ќе слави европска круна на „Вембли“.

Се вчитува...