Јувентус и вторпат го совлада Монако, овојпат со 2-1 во Торино, и потполно заслужено стигна до своето деветто финале во ЛШ во клупската историја. Ќе очекува својот ривал од дуелот меѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид, но без разлика кој и да биде, дефанзивецот Леонардо Бонучи смета дека италијанскиот првак е ’печен’ за освојување на трофејот.
„Јувентус е сега зрел тим, со искусни и квалитетни фудбалери. Во финалето сме, и без разлика кој ќе биде ривалот, мислам дека сега сме навистина подготвени за освојување на трофејот. Сепак, ќе треба во Кардиф да го одиграме најдобриот натпревар во историјата на Јувентус, за да славиме. Во Берлин исто така имавме одличен тим, но ете, се покажа дека нешто недостигало“, изјави Бонучи по триумфот над Монако.
На дефанзивецот, сепак, не му беше сеедно што се тресеше мрежата на Буфон.
„Не смеевме тоа да си го дозволиме. Десет минути голот ни висеше во воздух, како да си земавме оддишка во тие моменти. Така не се игра во Европа, и тоа треба да ни биде поука. Во финалето ќе нема простор за такви грешки“, истакна Бонучи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА