Славниот италијански фудбалер Леонардо Бонучи, објави дека следната сезона ќе му биде последна во неговата професионална кариера. Капитенот на Јувентус размислуваше и ова лето да го остави фудбалот, но се речи да го испочитува договорот со клубот кој му е до јуни 2024 година.
И покрај тоа што се очекува летоска Јувентус да претрпи големи измени во играчкиот кадар, Бонучи и следната сезона ќе биде дел од „старата дама“.
„Кога следната година ќе ја завршам кариерата, мислам дека една ера на одбранбени играчи ќе замине во историјата. Особено мислам на италијанската одбрана. Беше чест да се игра со некои од најголемите како што се Барези, Малдини, Неста и Канаваро кои беа идоли на сите играчи, но и нашата тројка ќе биде исто така“, рече Бонучи, алудирајќи на своите поранешни соиграчи Кјелини и Барзаљи.
Тие тројца со години носеа титули на Јувентус, а беа важни и за националниот тим на Италија. Прв во пензија замина Барзаљи, а Кјелини нема уште долго да игра во МЛС лигата.
Бонучи е роден во 1987 година. Потекнува од Интер, но не доби шанса, па преку Тревизо и Пиза стигна до Бари, а потоа и до Јувентус. Во 2017 година направи шокантен трансфер во Милан, но по само една сезона се врати во Торино. Одигра над 500 меча за Јуве.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА