Милан е најамбициозниот клуб во Италија во овој преоден рок, а по бројните засилувања „росонерите“ тргнаа по најголемата домашна ѕвезда – Леонардо Бонучи од Јувентус. Во прв момент шпекулацијата се чинеше како преамбициозен обид на Милан, но последните информации го говорат спротивното – сите три страни (Милан, Јувентус и Бонучи) се заинтересирани овој трансфер што поскоро да се реализира.
Јувентус е подготвен да го продаде дефанзивецот по неколкуте конфликти што Бонучи ги имаше со тренерот Алегри, поради што и самиот фудбалер сака да ги промени клупските бои. „Старата дама“ може да заработи над 50 милиони евра со продажба во Англија (Челси или Манчестер сити), но Бонучи инсистира на останување во Италија.
Тука на сцена стапуваат „росонерите“, кои веќе понудиле 30 милини евра што биле експресно одбиени од страна на Јувентус. Се очекува сега во понудата да биде вклучен и Де Шилјо, но Алегри би го довел овој играч што го посакува само доколку крај него за Бонучи добие дополнитени 35 милиони евра. Јуве веќе неколку години го „негува“ младиот Ругани, кој сега би добил шанса како командант на одбраната на „старата дама“, крај искусните Кјелини и Барѕалји, а тука е и Мароканецот Бенатија. Во една таква ситуација Јувентус нема потреба да купува по секоја цена нов дефанзивец, па со Де Шилјо би ја засилил бековската линија, а парите би биле искористени за освежување на средниот ред.
Двата клуба барем засега се далеку од конечен договор, но самото настојување да се најде заеднички јазик е предзнак дека овој трансфер би можел да се реализира во следните десетина дена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА