Борба и чесен пораз од силната Франција, за крај на одличниот Мундијал за Македонија

ЕКИПА во Вараждин,

Стеван Цаневски

Ракометната репрезентација на Македонија загуби од Франција со резултат 25-32, во рамките од последното коло од главната фаза од СП 2025. Исходот е очекуван, нашите ракометари се бореа колку што можеа, но немаа сили против надмоќниот противник кој го потврди квалитетот на терен и рутински стигна до победата. Солидната партија против една од најдобрите светски селекции само го заокружи одличниот настап на Македонија на овој мундијал, каде покажавме огромен напредок во однос на  настапите на големите натпреварувања во последните неколку години.

Почетокот мина во знакот на Марко Митев, кој за шест минути постигна три погодоци и донесе наша предност од 4-3. Французите за првпат поведоа кога Ремили реализираше за 4-5, а страстите зовра кога Наи се подмести при еден продор на Кузмановски, судиите гледаа ВАР и му покажаа директен црвен картон на францускиот крилен ракометар. Тоа само ги мотивираше противничките ракометари кои набрзина поведоа со 5-8, но Македонија бодрена од околу 500 гласни навивачи успеа да се врати и да израмни на 9-9.

Француската одбрана стануваше се поцврста како што одминуваше првото полувреме, се разбрани и голманот Дебоне со три одбранети седмерци во серија (два на Серафимов и еден на Кузмановски). „Триколорите“ повторно се одлепија, при 11-15 селекторот Лазаров побара тајмаут, а на одмор заминавме со 14-18, по двата пенала во завршницата што ги реализираше Кузмановски.

Франција беше подобар противник и на почетокот од второто полувреме, поведе со 16-22, резултат при кој Никола Митревски блесна и со маестрална интервенција спречи атрактивен погодок на Дика Мем. Петар Атанасијевиќ промаши зицер од контранапад за „минус пет“, по што казната стигна и противникот за првпат стигна до седум гола предност (16-23). Одговоривме со два гола во серија, Лазаров побара тајмаут при 18-23, веднаш реализиравме преку Пешевски за 19-23 и се вративме на оние „минус четири“ од паузата“.

Дика Мем го продолжи своето шутерско шоу постигнувајќи го својот осми гол во 47. минута за водство на Франција од 20-26. Атанасијевиќ и Маркоски дадоа брзи голови за 22-26 на помалку од 12 минути до крајот, по што францускиот селектор реши да побара тајмаут. Предноста на „триколорите“ набрзо скокна на 23-29, а Галевски во многу важен момент одбрани пенал и не дозволи негативата да се зголеми. Ѓоргиев постигна значаен гол, а Галевски остана на голот, веднаш собирајќи уште една успешна интервенција. Французите рутински го приведоа мечот до финишот, за нас најважно беше да загубиме помалку од девет гола и да останеме пред Австрија на четвртото место во групата, во што на крајот и успеавме, губејќи го мечот со конечните 25-32.

Филип Кузмановски со осум погодоци беше најефикасен во нашиот табор, со четири гола мечот го заврши Марко Митев, додека Пешевски три пати ги натера француските голмани на капитулација.

Се вчитува...