Борче Христов реди успеси со азербејџанска Зира: Одиме кон групите во Конференциската лига!

Искусниот македонски стратег Борче Христов, како дел од стручниот штаб на Зира, сезонава реди успеси со азербејџанскиот суперлигаш.

Зира, откако го елиминираше хрватски Осијек, сега против кипарска Омонија во плеј-оф разигрувањето ќе бара место во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА.

„Со освојувањето на второто место во лигата минатата сезона обезбедивме учество во квалификациите за Лига Европа. Игравме натпревар против Шериф Тираспол и загубивме на пенали.Во следната рунда од Конференциската лига игравме против словачкиот тим, Дунајска Стреда, и во два натпревари победивме со убедливи 6-1. Во трето коло го победивме хрватскиот тим Осијек и сега не очекува последен плеј-оф квалификациски настап за групна фаза на Лига на Конференции против кипарска Омонија“ – вели во нашиот разговор Христов.

Според 53-годишниот тренер, овие резултати на азербејџанските клубови се должат на силните вложувања во условите за работа.

„Клубовите во Азербејџан многу вложуваат во условите, инфраструктурата и како поминуваат годините, квалитетот на лигата е се поголем, а со самото тоа се подигнува и квалитетот на репрезентацијата. Иако неколку клубови имаат многу поголем буџет од нас, како што се Карабах, Нефчи, Сабах, Сумгајт, минатата сезона успеавме да направиме најголем успех во историјата на клубот, го освоивме второто место во Азербејџан, исто така игравме и финале на Куп против Карабах, но загубивме со 2-1“ – истакнува македонскиот стратег.

Христов по вторпат се враќа во Зира, на повик на клубот, откако претходно замина истиот поради пандемијата на Коронавирусот.

„Во Зира повторно се вратив минатото лето на повик на клубот, откако претходно работев во 2020 година, пред пандемијата кога бевме есенски шампиони. Но, поради пандемијата се вратив во Македонија. ФК Зира е клуб со високи амбиции и има за цел да стане тим кој што константно ќе настапува на европските натпреварувања“.

Македонскиот тренер претходно во кариерата работеше уште во два клуба во Азербејџан, а на домашната фудбалска сцена беше и тренер на Македонија ЃП, Работнички, Еуромилк ГЛ, Борец, Вардар…

„Во својата тренерска кариера претходно работев во три клубови во Азербејџан, две години во ФК Баку како асистент на Ѓоко Хаџиевски, со кого бевме и шампиони на Азербејџан. Исто така, седум години во ФК Карабах, три години како асистент во сениорскиот тим, четири години како директор на академијата и координатор на ФК Карабах. Во сениорскиот тим покрај шампионските титули, исто така можам да го одвојам учеството во групната фаза на најголемите европски натпреварувања како што се, Лига на Шампиони, Лига Европа“ – вели Христов.

Се вчитува...