Селекторот на женската младинска репрезентација на Македонија, Борче Марковски, е новиот тренер на битолски Пелистер. На клупата на Пелистер, Марковски доаѓа на местото на Стевче Алушовски кој успешно го предводеше тимот во есенскиот дел од суперлигашката сезона, но на крај со раководството на клубот се „разминаа“ во ставовите.
Пелистер денеска ја официјализира соработката со новиот тренер со кој е потпишан договор до крајот на сезоната. На Борче Марковски на клупата ќе му помагаат Велјановски и Атанасовски кои му беа помошници и претходно на Стевче Алушовски.
Според информациите од Битола, Борче Марковски денеска ќе го одработи првиот тренинг со екипата која како што е најавено, деновиве треба да добие и неколку засилувања во составот. На полусезоната во Пелистер дојде пикерот на Металург, Костадин Петров, а деновиве ќе бидат промовирани уште неколку нови ракометари.
Пелистер беше хит во есенскиот дел од сезоната со само еден пораз и 12 победи по ред што му ја обезбедија лидерската позиција на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА