Борец од Велес ќе ги доигра последните две средби од оваа календарска година, откако дел од ветераните заедно со членови на младинската екипа искажаа подготвеност да помогнат клубот да не престане со настап во елитното друштво, што ќе значеше и преселба во понизок ранг на натпреварување.
Огромните долгови беа причина ракометарите и членовите на стручниот штаб пред неколку дена да објават дека го загубиле трпението и завршуваат со настапите за велешкиот клуб, најавувајќи откажување од натамошното натпреварување. Сепак, со последната иницијатива на велешките ветерани е донесена одлука да се доиграат следните натпревари до крајот на годинава, по што на средба со претставници на Општина Велес детално ќе се разговара околу плановите за иднината.
Неофицијалните информации велат дека Општина Велес го префрлила предвидениот буџет, но проблем се големите долгови од претходните години, па со наплатата на истите преку активирање на судски пресуди воопшто не останале пари за акутелните ракометари.
Борец во рамките од наредното суперлигашко коло утре ќе го пречека Пелистер, меч закажан за 19 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА