Еден од најпрепознатливите домашни фудбалски колективи во историјата, велешки Борец се подготвува за враќање на старите патеки. Со максимално високи амбиции, под водство на новите финансиери и раководство на клубот кои го донесоа за престојнава сезона и до второлигашката конкуренција, некогаш постојаниот член на Првата лига очекува по 17 години враќање и во елитата!
Борец сезонава ќе настапува во Втората лига – Исток со комплетно нов тим, и согласно актуелниот преоден рок, веќе се издвојува како носечки фаворит за освојување на шампионатот во второлигашката конкуренција и влез во прволигашкото друштво. Последен пат Борец Велес во Првата лига на Македонија играше во сезоната 2000/2001.
За високите амбиции во новата сезона, по кам-бекот во Втората лига, потврда е ангажманот и на бројни прволигашки фудбалери. И дефинитивно договорен е трансферот на досегашните фудбалери на кратовски Силекс, Ѓорѓи Танушев и Александар Пановски, а од претходно е познато дека за новата сезона е ангажиран и досегашниот дефанзивец на штипска Брегалница, Дарко Стојанов.
Течат разговорите и со уште неколку фудбалери од Македонија ЃП и Брегалница кои треба да го комплетираат ростерот на тимот за новата сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА