Легендарниот тенисер Борис Бекер денеска банкротираше со одлука на Врховниот суд во Лондон, по тужбата на една приватна британка банка против Германецот. Висината на парите што се должат е опишана како „значителна“, точниот износ не се обелоденува во јавноста, но судијката се реши на ваков чекор откако Бекер не исплатил ниту евро од долгот, туку на денешното рочиште неговите адвокати побарале дополнителни 28 дена за собирање на средства, како и за репрограмирање на долгот.
„Господин Бекер остава впечаток на човек што си ја закопал главата во песок. Тој е навистина редок случај, една толку позната и успешна личност од 2015 година да должи сериозна сума на пари и истата да не ја враќа. Денеска во 11.23 часот го прогласувам неговиот банкрот“ – изјави Судијката Кристин Дерет на рочиштето на кое Германецот воопшто не присуствуваше.
Адвокатскиот тим на Бекер нудел хипотека на куќата на Мајорка вредна шест милиони евра, но не е познато дали со тоа би бил покриен целиот долг кон банката.
„Тие побараа нови 28 дена за подмирување на долгот, но не знаеме дали навистина би ги собрале парите. Не може да се игра со судот, мораше да мисли порано на овој проблем. Јас многу добро знам кој е Борис Бекер, сум го гледала и во живо како игра на Вимблдон, но тоа не ми е никаква гаранција дека ќе ги врати парите што ги должи“ – додаде Дерет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА