Борко Ристовски останува на голот на Барселона и во наредната сезона, до крај на двегодишниот договор со шпанскиот клуб. Информацијата дека Барселона како негова замена од 2018 го планира Данецот Кевин Мелер, што ја објавија вчера данските медиуми, ги отвори дилемите дали и Борко Ристовски веќе размислува за промена на средината по истекот на договорот со шпанскиот клуб.
„Што се однесува до мене, ништо не е променето и нема зошто да се промени. Барселона е голем клуб и нормално е да мисли на својата иднина и на костурот на екипата. Јас сум професионалец и до последниот ден поминат тука, така и ќе се однесувам. Оваа сезона не чека тешка битка за освојување на Лигата на шампионите и мојата концентрација и фокусот се насочени во тој правец“ – вели Борко Ристовски за веста дека Барселона бара негова замена по истекот на договорот наредната година.
Македонскиот голман, открива дека има понуди, но, тоа засега го остава во втор план, со оглед на тоа што уште година и пол има договор со Барселона. А, во тој период Барселона ја чека завршницата во Лигата на шампионите во оваа и цела наредна сезона.
„Можам единствено да потврдам дека има понуди и заинтересирани клубови, меѓутоа, за тоа сега не можам и не смеам ништо повеќе да коментирам. Сепак, да не заборавиме, јас имам да одработам уште година и пол од договорот со Барселона и не би сакал да се дефокусирам со понуди и со тоа каде ќе ја продолжам кариерата во 2018. Со Барса не чека многу работа, многу тешки натпревари и продолжуваме таму каде што застанавме. А што ќе биде догодина, ќе видиме“ – порачува македонскиот голман.
Борко Ристовски во Барселона дојде минатото лето од германскиот Рајн Некар Левен со кој лани ја освои првата шампионска титула во Бундеслигата. На голот на осумкратниот европски шампион го замени искусниот Даниел Шариќ и сезонава „дели минутажа“ со шпанскиот репрезентативец Гонзало Перез де Варгас. Во дресот на Барса, Ристовски сезонава имаше неколку извонредни партии во шпанската АСОБАЛ и во Лигата на шампионите и две големи победи на тешките гостувања во Фленсбург и во Веспрем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА