Ракометарите на Вардар се максимално мотивирани за претстојното големо дерби против Еурофарм Пелистер (17 часот) кој ќе биде еден од клучните мечеви во борбата за титулата во македонскиот шампионат.
Овие два тима последен пат се сретнаа во подготовките за оваа сезона, кога „пелистерци“ двапати славеа над „црвено-црните“, најавувајќи дека битолчани имаат капацитет за да го симнат Вардар од тронот на македонскиот ракомет.
„Мислам дека по оние два пораз во пријатеелските натпревари, дојде време Вардар да го победи Пелистер. Се работи за квалитететен противник што никако не смее да се потцени од причина што се добро вкомпонирани и квалитетно водени од клупата. Верувам дека квалитетот е на наша страна, но тоа мораме да го докажеме и на терен“, истакнува голманот Борко Ристовски.
Тој потсетува дека без разлика на денешниот исход, титулата ќе се решава на нивниот нареден меч што ќе се игра во Битола.
„Ова е само прво полувреме од два важни натпревари. Без оглед кој ќе победи денеска, мора да се знае дека единствено важен е крајниот епилог – освојувањето на титулата. Можам да кажам дека нивна посилна страна се бековите и играта со пивотите, затоа мора да направиме се за да ги донесеме во ситуација да не бидат многу ефикасни. Генерално во овој тип на натпревари најважно е секој да си ја сработи својата работа најдобро што може. Затоа, нашиот фокус мора да биде на нашата игра, не на противникот“, порачува искусниот чувар на мрежата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА