ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Голманите важат за „половина тим“ во модерниот ракомет, па токму затоа јасно е дека дуелот меѓу Борко Ристовски од едната и Гонзало Перез де Варгас од другата страна ќе биде еден од решавачките при вечерашната пресметка меѓу Македонија и Шпанија. Дополнителен „шарм“ носи и фактот дека станува збор за двајца клупски соиграчи, кои беспрекорно соработуваат во Барселона, но овојпат ќе бидат ривали од спротивни страни, во еден од клучните натпревари на овој европски шампионат.
„Гонзало е еден од најдобрите голмани во светот, сигурно ќе биде огромна пречка за нас и еден од најтешките противници што ќе ги имаме. Го потврди тоа со играта и настапите за Барселона во Лигата на шампионите. Мислам дека прераснува во голман кој во наредните години ќе доминира во светот на ракометот. Меѓутоа, за нас е плус што тој на ова ЕП не брани во својот препознатлив стил и да се надеваме дека така ќе биде и денеска. Тоа ќе биде една од нашите шанси против Шпанија“ – вели Ристовски за Гонзало.
Навистина, првиот шпански голман е далеку од своето ниво, па така на првите три средби има вкупно 18 одбрани, со само 28% на успешност. Идентични 28% има и Борко Ристовски, со тоа што Македонецот мина нешто повеќе време на теренот и досега има 21 успешна интервенција зад своето име.
И двајцата своите најдобри партии ги прикажаа во третото коло од првата фаза, Ристовски против Германија, а Гонзало со 12 интервенции при поразот од Данска, па јасно е дека сега очекувањата се во ист стил да продолжат и на стартот од втората рунда. Затоа што ако некој од нив влезе во препознатлив ритам, широко ќе ги отвори вратите кон победата на својот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА