Борко: Радувај се Македонијо, не гледај кој играл денеска лошо, а кој добро…

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

 

Борко Ристовски не го криеше воодушевувањето од одличниот настап во групната фаза од ова Европско Првенство. Македонија е прва во групата Ц и со три бода ќе влезе во следната фаза во Вараждин, но искусниот голман стои цврсто на земја.

„Што да кажам, одигравме одличен натпревар против земја што е актуелен првак на Европа. Замислете во било кој друг спорт или во некој друг сегмент од живеењето да сме рамо до рамо со најдобриот во Европа. Горди сме бидејќи играме одлично, бидејќи бележиме добри резултати и носиме радост. Ќе повторам, нема потреба од еуфорија, од зборување однапред за полуфинале, да останеме цврсто на земја, да играме натпревар по натпревар и да видиме до каде ќе стигнеме. Радувајте се Македонци, не гледајте кој денеска играл добро, а кој лошо, бидејќи ова е наш заеднички успех како репрезентација, бодрени од фантастичната публика“ – изјави Борко Ристовски.

Тој не ја пропушти шансата да го „пецне“ поранешниот селектор Лино Червар.

„Оваа репрезентација е истата од лани, само тогаш имавме шарлатан, а сега имаме селектор на кој сме горди. Имаме човек кој точно знае што треба да се прави на теренот, наше е да го слушаме и како што гледате, резултатот е очигледен“ – порача Ристовски.

Се вчитува...