ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Стеван Цаневски, Билјана Б. Петрушева, Игор Паневски
Македонија го закружи настапот на Европското првенство во Хрватска со денешниот убедлив пораз од Данска (20-31), но во глобала ги исполни очекувањата и плановите со кои тргна кон Загреб. Успеа да се пласира во втората фаза од шампионатот, оствари две победи и едно реми во првата фаза, а потоа следеа три порази во Вараждин.
Борко Ристовски е секогаш реален во своите коментари, и веднаш по завршувањето на ЕП анализира…
„Ако ги тргнеме на страна двата убедливи порази, од Шпанија, и од Данска, мислам дека одигравме еден шампионат на високо ниво. Посакувавме пласман во втората фаза пред почетокот, и тоа го исполнивме. Се разбира, секогаш има грешки, имаме и нереални очекувања, кои посебно се зголемија по нашите одлични игри на првите три натпревари во Загреб. Оваа репрезентација е веќе 15 години на сцена и мислам дека ние никогаш, па дури ниту во Србија, не сме биле поблиску до едно европско полуфинале. Верувајте дека на секој меч, освен со Шпанија и со Данска, се чувствувавме моќни, имавме сила да играме против секоја репрезентација, а видовте и дека сите ракометари добија шанса да играат на ова Европско првенство. Тоа е она позитивното што може да се извлече. Треба секогаш да се гледа позитивно, а не да гледаме кој колку згрешил“, вели Ристовски.
Голманот истакнува дека сепак деталната анализа треба да следи од селекторот Раул Гонзалес.
„Селекторот Раул Гонзалес и неговиот стручен штаб, веројатно откако се ова ќе се смири, ќе направат детална анализа. Треба да се види зошто на клучните натпревари ни недостигаше и малку сила, ни недостигаше и малку среќа, ни недостигаше и малку ротација….Тоа е тоа, нема многу филозофија. Мислам дека сите треба да се сложиме дека на сите натпревари одигравме борбено, на некои од нив дадовме и повеќе од 100%. Жално е на крајот што не остваривме подобар резултат, доколку го добиевме вчера натпреварот со Чешка се ќе беше поинаку и Македонија ќе завршеше една многу поинаква и поуспешна ракометна приказна овде во Хрватска. Но, да не заборавиме, ние сме Балканци, и треба да поработиме малку повеќе на нашата психологија. Но, тоа не е само од нас, тоа ни се влече низ историјата, и ќе ни требаат уште многу години за да го надминеме балканскиот менталитет. Радува што оваа репрезентација како никогаш досега има сплотеност, заедништво, сите „гинат“ и од смиот почеток ние не гледавме кој е најдобар и кој е најлош, сите сме Македонија. Така треба да гледаат и сите други, ние играме за државата. Сите ние си имаме свои договори во клубовите и таму се докажуваме, но овде сме сите заедно и ја претставуваме Македонија“, изјави Борко Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА