Романија со Чави Паскавл на клупата е следен предизвик за машката ракометна репезентација на Македонија за пласман на Светското првенство што ќе се одржи во јануари, во Германија и во Данска. Токму тренерот на Барселона е она што и дава дополнителен квалитет и ја прави Романија многу потежок противник од она што го покажува рејтингот.
Системот на работа на Чави Пасквал најдобро го познаваат Кире Лазаров и Борко Ристовски кои работеа под негова „палка“ во Барселона.
„Со доаѓањето на Пасквал на тренерското место мислам дека Романија доби на квалитет, добија подготовка за натпревар на едно највисоко ниво. Пасквал реално, е тренер кој ги надминува нивните квалитети што ги имаат како репрезентација и сигирно ќе им биде од голема помош во тактичката подготовка на Романците за дуелот со Македонија. Во секој случај Романија е противник што не смее да се потцени, без разлика што ја нема на големите натпреварувања во последниве години“ – истакнува Борко Ристовски.
Првиот натпревар од баражот, на 10 јуни, Македонија го игра на домашен терен, а реваншот е на 13 јуни во Клуж. Според голманот на македонската репрезентација, Македонија поголемиот дел од работата треба да ја заврши уште во Скопјe.
„Крај на сезона е и мислам дека сите треба во најмала рака да бидеме максимално претпазливи во овој дуел. Да го одиграме добро пред се тој прв натпревар на домашен терен против незгодна репрезентација како што е Романија која ќе биде добро тактички подготвена и да си ја олесниме работата за вториот натпревар во Клуж. Ние сме одиграле многу вакви натпревари, тие доаѓаат во еден пеколен амбиент во кој сигурен сум дека ќе имаме голема поддршка од нашите навивачи и дека ќе одиграме добар натпревар. Не очекуваат два натпревари кои според мене, ќе бидат многу незгодни од повеќе аспекти. Прво затоа што Романците имаат тренер кој што знае добро тактички да се подготви. Второ затоа што е крај на сезона и сите сме веќе помалку уморни и мислиме и на завршување. И, трето зато што ќе биде една пеколна атмосфера и жешка температура што уште повеќе ги отежнува условите за игра“ – вели голманот на македонската репрезентација.
Ристовски вели дека тоа што селекторот на Романија добро ги познава нашите главни адути, нема да биде некоја голема пречка за Македонија, „открива“ дека Пасквал го распрашувал за баражот.
„Пасквал можеби ме познава добро од Барселона, но јас не учествувам во играта на тактички план. Сигурно дека ги анализира сите играчи посебно. Пред некој ден контактиравме преку порака, ме праша дали се подготвуваме за Македонија. Мислам дека Пасквал ќе се подготви генерално за сите играчи и ќе ги изанализира. Но, неговиот „проблем“ е дали и колку репрезентацијата на Романија е подготвена да одговори на неговата подготовка и да го реализира тоа на терен“ – потенцира Борко Ристовски.
Во настапот на Романија дефинитивно ќе биде значаен белегот на шпанскиот тренер, но според Ристовски и со тој плус на клупата, Романија сепак, не е на нивото на Македонија.
„Романија има неколку играчи што настапуваат во солидни клубови и подолго време играат на едно респектабилно ниво. Но, сепак, не верувам дека тоа е ниво на нашето. Чави Пасквал сигурно ќе даде еден плус на сето тоа, но мислам дека не може нешто многу да надополни и да изненади во овој дуел“ – оценува Борко Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА