Борко Ристовски ја имаше улогата на херој на Вардар во големата победа во Битола над Еурофарм Пелистер со која „црвено-црните“ се вратија на врвот на табелата и направија џиновски чекор кон нова шампионска титула. Искусниот голман му одбрани пенал на Мандалиниќ на почетокот од вториот дел, а потоа блесна кога беше најважно, со одбранети зицери на Маџовски и на Граџан во завршните минути.
Според Ристовски, Вардар заслужено ќе стигне до нова титула, а како клучен фактор на дербито го потенцираше искуството на „црвено-црните“ за играње на големи натпревари.
„Морам да кажам дека да се игра во ваква атмосфера за мене секогаш било и се уште е огромна привилегија. Можеби за некого четири или пет илјади битолски навивачи беа притисок, но за мене лично беше едноставно уживање. Мислам дека тоа го реши и самиот меч, ваков вид на натпревар, со огромен набој, не може да игра секој и да се соочи како што треба со ваков притисок. Ние имаме ракометари кои покрај квалитетот имаа т и искуство и не подлегнуваат лесно на притисокот што го создаваат навивачите. Мислам дека тоа беше клучот за победата, покрај добрата тактичка поставеност. Кога се ќе се собере и одземе, мислам дека заслужено го добивме овој натпревар и сме на добар пат да ја освоиме титулата“, изјави Борко Ристовски.
Тој верува и во уште подобри денови за „црвено-црните“ за наредната сезона.
„Сега кога сме блиску до титулата, верувам дека се ќе биде полесно и дека ќе можеме да ја направиме екипата онака како што Вардар треба да изгледа за да се натпреварува во Лигата на Шампионите. Оптимист сум дека Вардар ќе се стабилизира финансиски и во следната сезона ќе биде уште посилен“, порачува Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА