Борко Ристовски привремено ќе го напушти Вардар откако искусниот голман се договори за преселба во редовите на Лемго.
Германскиот прволигаш има слаб старт на сезоната и се наоѓа на 15. место на табелата, а дополнителен проблем за Лемго претставува повредата на Урс Кастелиц. Во една таква ситуација челниците на клубот испратиле понуда до Ристовски, кој по кратко размислување ја прифатил.
Станува збор за преселба за наредните два месеци, како позајмица од Вардар, што значи дека Ристовски ќе се врати назад во „црвено-црниот“ табор за клучниот дел од сезоната.
„Заминувам на два месеци, понудата беше интересна и по консултациите со семејството решив да ја прифатам. Ќе се вратам на почетокот од 2023 година, целта ми е да освојам нова титула со Вардар“, изјави Борко Ристовски за ЕКИПА.
Лемго ќе биде третиот клуб од Бундес-лигата за кој ќе настапува македонскиот голман, кој претходно ги бранеше и боите на Рајн-Некар Левен и на Гумерсбах.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА