По ланската елиминација во четвртфиналето, Барселона годинава одново се враќа во големата четворка во Лигата на шампионите на Ф4 турнирот во Келн. Осумкратниот европски шампион во чиј состав настапуваат двајцата македонски репрезентативци, Кире Лазаров и Борко Ристовски, во полуфиналето на Ф4 турнирот ќе игра против македонскиот првак Вардар кој е единствен дебитант на годинашниот Фајналфор во Келн.
Својот прв настап на Ф4 турнирот во Келн во дресот на Барселона ќе го одбележи и македонскиот голман, Борко Ристовски и тоа токму против македонскиот првак. На прес- конференцијата во Барселона пред настапот во Келн, Ристовски нагласи дека во овие завршни натпревари вообичаен решава моменталната концентрација и детали во играта.
„Нема фаворити во ваков тип на натпреварување. Станува збор за четири екипи кои сезонава се најдобри во Европа и тука не може да се издвои фаворит. Се ќе зависи од тоа дали некој ќе има подобар или полош ден, од моменталната концентрација…Ќе решаваат детали. Мислам дека на вакви натпревари не победуваат секогаш најдобрите екипи, туку победува тој што е поконцентриран и повеќе фокусиран и, на крај, што ќе има повеќе среќа“ – вели Борко Ристовски.
За Кире Лазаров ова ќе биде последен Фајналфор во Лигата на шампионите во дресот на Барселона, а вкупно негов петти настап во Келн во кариерата. Искуството од претходниоте години покажува дека во Ф4 не победува секогаш најдобриот, истакнува македонскиот голгетер кој со Барса ја освои титулата во Лигата на шамнпионите во 2015 година.
„Не може ништо да се предвиди однапред. Едно се очекувањата, друго е она што се случува на теренот. Мора да бидеме многу фокусирани и концентрирани на она што се бара од нас и да влеземе подготвени во дуелите што ни претстојат. За да победиме мора да бидеме концентрирани и мирни. Искуството од претходните години покажа дека не победуваат секогаш фаворитите, како што се случи минатата година кога Кјелце го победи Веспрем, а пред тоа кога победи Фленсбург“– истакнува Лазаров.
Ф4 турнирот во Келн ќе се одржи на 3 и 4 мај. Во првото полуфинале на 3 мај ќе играат Веспрем и ПСЖ, а по него е дуелот меѓу Вардар и Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА