Министерот за спорт, Борко Ристовски гостуваше во новогодишното издание на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК.
Првиот човек на македонскиот спорт, потсетувајќи се и на своите играчки денови како ракометен репрезентативец неизбежно се осврна и на конфликтот, или недоразбирањето, со својот долгогодишен цимер од националниот тим Кирил Лазаров. А, сето тоа, и низ паралела со актуелните случувања и околу изборот на македонски фудбалски селектор, со невкусните препукувања на поранешниот селектор Игор Ангеловски – Мрме и неговиот долгогодишен пријател, Горан Пандев…
„Нашето со Кире не беше ни некој проблем, ниту нашата конфронтација беше вака јавна, како сега со изборот на селектор во Фудбалската федерација. Но, сите ние сме луѓе и сите ние грешиме. За мене е многу поважно, да кога ќе погрешите, си ја признаете грешката и да ставите една црта, па од тука понатаму одиме поинаку. Можеби јас сум погрешил во одреден период, можеби Кире погрешил, можеби двајцата, апсолутно е неважно. Меѓутоа, она што е поважно е што ниту јас ниту тој не сме дозволиле да нашиот, под знак наводници, конфликт, во било кој момент влијаеа на функционирањето на ракометната репрезентација и на федерацијата, на било кој дел во спортот“ – вели Ристовски и дополни:
„Мислам дека и ова сега што се случува со Фудбалската федерација, околу изборот на нов селектор, е можеби, според мое некое си гледиште од страна, преизбрзана реакција на Игор Ангеловски – Мрме. Секој од нас, па и спортистите генерално и тоа секој еден човек, има свое его. И ако дозволите егото да го надмине разумот, тогаш веќе се доведувате во непосекувана ситуација. Ете, можеби јас сум се довел со Кире, Кире се довел со мене…. Сега поранешниот селектор со председател на федерација или со Пандев. Треба навистина да конечно во оваа држава сфатиме дека успешни спортисти има да се избројат на две раце, дека спортски легенди има да се избројат на две раце и дека на крај на денот животот е еден и на крајот на денот сите треба да се почитуваме и да си се вреднуваме меѓу себе, затоа што навистина не има во многу мал број, и тие јавни препукувања, па и не јавни, не му служат на никого освен на своето лично его и исполнување на некакви си свои комплекси кои што секој ги има. Тие работи се апсолутно непотребни на спортот генерално и непотребни на еден човек во животот“.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА….
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

