Борко Ристовски со Барселона во победнички ритам го продолжува настапот во АСОБАЛ лигата по зимската пауза за репрезентативните настапи. Во натпреварот од 16.коло, Барселона славеше победа во гости против Пуерто Сагундо со 29-33.
Триумфот на каталонскиот тим во ниеден момент не беше доведен во прашање. Избраниците на Чави Пасквал уште на стартот поведоа до 1-4, а на полувремето имаа предност од 10-17. Во последната четврѕина од натпреварот, Барселона го намали темпото што им овозможи на домаќините да ја намалат негативата. На овој меч Барса играше без голманот Гонзало Перез де варгас кој се повреди во настапот за шпанската репрезентација на ЕП во Хрватска и без повредениот Јуре Доленец. Но, на терен се врати Французинот Дика Мем и запиша еден погодок.
Во отсуство на Де Варгас, товарот на голот во сите 60 минути го понесе Борко Ристовски и го заврши мечот со 13 одбрани и со 31 процентна успешност на одбранети удари кон голот.
За Барселона ова е првиот од двата натпревари на домашна сцена пред дуелот со Вардар во Лигата на шампионите на 10 февруари. Во последната проверка пред дуелот со вардарци, Барселона на 7 февруари ја пречекува Хуеска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА