Борусија Д. му врачи отказ на Нури Сахин по синоќешниот пораз од Болоња

Борусија Дортмунд и Нури Сахин одлучија да ја прекинат меѓусебната соработка. Екипата од Дортмунд го ослободи Сахин по синоќешниот разочарувачки пораз од 2-1 во Лигата на шампионите од Болоња.

„Многу го цениме Нури Сахин и неговата работа, се надевавме на долгорочна соработка и се надевавме до самиот крај дека ќе можеме заедно да постигнеме спортски пресврт. По четири порази во низа, и само една победа во последните девет натпревари и моментално десеттото место на табелата во Бундеслигата, за жал ја изгубивме вербата дека можеме да ги оствариме нашите спортски цели во сегашната констелација. Оваа одлука ме боли лично, но беше неизбежна по натпреварот во Болоња“ – соопшти спортскиот директор на Борусија Дортмунд, Ларс Рикен.

„За жал, не успеавме да ги исполниме спортските амбиции на Борусија Дортмунд оваа сезона. На овој посебен клуб му посакувам се најдобро“ – истакна Нури Сахин.

Борусија Дортмунд, како што соопштија од клубот, низ наредниве денови ќе го соопшти името кое ќе го води тимот на саботниот натпревар од Бундеслигата против Вердер Бремен.

Се вчитува...