Германскиот клуб Борусија Дортмунд бара 90 милиони евра за услугите на Осман Дембеле, тврди шпанскиот весник „Мундо депортиво“. Раководството иако не сака да се раздели со францускиот талент, со овој потег се надева дека Барселона и ПСЖ ќе се откажат поради цената. Но, Дембеле е решен да го напушти клубот поради отказот за тренерот Томас Тухел.
20-годишниот суперталент смета дека Тухел не требаше да добие отказ, а тој беше најзаслужен за неговиот трансфер во Дортмунд. Дембеле одлучи да дојде меѓу „милионерите“ и покрај интересот на Реал Мадрид, Барселона, и на ПСЖ.
„Не знам што се случи и која е причината, но разочаран сум од одлуката на раководството. Томас е многу добар тренер, тој ми го подигна нивото на самодоверба, секогаш беше тука за мене и за тимот. Научив многу од него и сметам дека можеше уште многу да ми помогне во мојот фудбалски развој. Не знам што ќе се случува во иднина, но не сакам да соработувам со луѓе кои немаат доверба во нивниот персонал, тренерски или играчки кадар“ – истакна младиот Дембеле.
Барселона ќе се обиде да го убеди германскиот бундеслигаш да го продаде на „Камп Ноу“ за околу 55 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА