Борусија Дортмунд ќе игра во куп-финалето против Баерн Минхен, но Томас Тухел најверојатно ќе добие отказ од тренерската функција без оглед на конечниот исход на овој натпревар. Како што јавуваат германските медиуми, „милионерите“ веќе ја започнале потрагата по негов наследник, а најголема желба на првите луѓе на „црно-жолтите“ е новото германско тренерско чудо – 29-годишниот Џулијан Нагелсман од Хофенхајм.
Стратегот на „милионерите“ има уште една година од договорот со клубот од Дортмунд, но раководството на Борусија е незадоволно не само што заостанувањето зад Баерн станува се поголемо секоја нова сезона, туку и поради конфликтот на Тухел со дел од раководните лица во клубот. Имено, тренерот на „милионерите“ ја наруши комуникацијата со главниот скаут Свен Мислинтат откако клубот не му ја исполни желбата за доведување на Оливер Торес од Порто како замена за Мхитаријан.
На инсистирање на Мислинтат беа доведени Дембеле и Емре Мор, но Тухел се почувствува изневерено, што придонесе да дојде до низа конфликти меѓу него и највисокото раководство. Воедно, тренерот на Дортмунд е во војна со претседателот Вацке, кого неодамна и директно го посочи како главен виновник што не се изборил за одложување на мечот со Монако по нападот врз автобусот на „милионерите“.
Раководството смета дека негативната енергија на Тухел се прелева и врз тимот, па затоа веќе разгледува опции за негова смена и доведување на нов стратег за следната натпреварувачка сезона. Иако се споменуваат и Лусијан Фавр (Ница) и Давид Вагнер (Хадерсфилд), главен фаворит засега е Нагелсман, кој ги собра симпатиите на фудбалската јавност откако на само 29-годишна возраст го одведе Хофенхајм до место во ЛШ во следната сезона. Тој барем засега јавно не се изјаснува за своите планови за иднината, но јасно е дека Борусија му нуди огромен предизвик и шанса за атак на трофеи, нешто што е речиси невозможно во неговиот сегашен клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА