Мечот меѓу Јувентус и Барселона привлекува поголемо внимание од вечерашните пресметки во ЛШ, но и пресметката меѓу Борусија Дортмунд и Монако исто така ќе понуди бројни возбудувања. Станува збор за дуел меѓу два тима што играат извонреден офанзивен фудбал, што е гаранција за гол-шоу на стадионот во Дортмунд.
„Камбекот на Фалкао значи поголем квалитет и поголемо искуство за нашиот тим, на претходните средби беше очигледно од колкаво значење е Колумбиецот за нашата екипа. Имаме проблеми со отсуството на Сидибе и на Бакајоко, а сите што ќе настапат ќе мораат да го дадат максимумот. Знаеме дека Борусија има одличен напад, но исто така има и цврста одбрана, наше e да не отстапиме од сопствениот стил на игра“ – изјави Леонардо Жардим, шеф на стручниот штаб на Монако.
Борусија постигна најмалку по три гола на четири од последните пет средби на домашен терен, а „милионерите“ на последните четири четвртфиналиња во ЛШ редовно славеле на домашните натпревари. „Милионерите“ досега имаат одиграно четири домашни средби против ривали од Франција и забележаа три победи и еден пораз (од Сошо во 2003 година),
„Во последното коло од Бундес-лигата загубивме од Баерн, но тој пораз нема да ни ја наруши самодовербата што ја „билдавме“ пред овој дуел со Монако. Знаеме што треба да направиме, ќе внимаваме на нивните опасни контранапади и верувам дека на крајот ќе се радуваме на победата“ – истакна тренерот Томас Тухел.
Во прилог на Монако оди податокот дека овој тим елиминирал ривали од Германија во последните три нокаут пресметки против екипи од оваа земја. Последен пат кнезовите се сретнале со бундеслигаш во 1996 година, кога во рамките од третото коло од Купот на УЕФА го совладаа Хамбургер со вкупен резултат 5-0.
Секој од тимовите влегува со свои математики, но едно е јасно – со Обамејанг и Дембеле од едната и Фалкао и Мбапе од другата страна се е подготвено за ново гол-шоу во Лигата на шампионите.
ОДЛОЖЕН КАМБЕКОТ НА МАРКО РОЈС
Марко Ројс требаше да го има својот камбек на терените токму против Монако, но последните информации говорат дека германскиот ас сепак нема да може да настапи против „кнезовите“. Весникот „Билд“ обелодени дека Ројс не само што нема да биде стартер, туку нема да се појави ниту на клупата за резерви, притоа не потенцирајќи дали станува збор за нова повреда или пак за тактичка одлука на тренерот Тухел, кој претходно најави дека нема да ризикува со настап на својот капитен додека тој не биде 100% подготвен за игра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА