Борусија Дортмунд може да жали за бројните пропуштени шанси (меѓу нив и еден промашен пенал) на првиот дуел во Лисабон, што ги става „милионерите“ во незгодна ситуација пред денешниот реванш со Бенфика. Поразот од 1-0 во Португалија значи дека избраниците на Томас Тухел ќе мора да бркаат триумф од најмалку два гола разлика за да се пласираат во четвртфиналето. Добра вест за нив е што Обамејанг, кој играше очајно на првата средба, влезе во голгетерски ритам, но затоа тренерот на „милионерите“ нема да може да смета на Марко Ројс, чие неиграње дефинитивно ќе биде голем хендикеп за германскиот вицешампион.
„Ние сме Борусија Дортмунд, кога ќе се запалат рефлекторите на нашиот стадион е јасно што ќе се случи – тргаме во офанзива. Секогаш играме така, целта ни е да создаваме што повеќе шанси и да постигнеме многу голови, тоа нема да се промени ниту против Бенфика. Верувам во моите играчи и во пласманот понатаму“ – истакна шефот на стручниот штаб на „милионерите“.
Овие два тима се сретнаа во европските купови и во 1963 година, кога Бенфика славеше со 2-1 на првиот меч во Лисабон, за Борусија да стигне до убедливи 5-0 на реваншот во Дортмунд и да се пласира во следната рунда.
„Милионерите“ имаат максимален скор на досегашните пет домашни средби против ривали од Португалија, вклучувајќи ја тука и ланската победа во осминафиналето над Порто од 2-0, со головите на Пишчек и на Ројс.
Бенфика одигра квалитетно во одбраната по постигнатиот гол во Лисабон, но тренерот Руи Виторија најавува дека неговиот тим нема да игра „бункер“ во Дортмунд, туку целта ќе му биде да постигнем најмалку еден погодок.
„Добро се познаваме, мислам дека добро ја прочитавме нивната игра на првиот натпревар. Имаме предност, но сигурно нема цело време да ја браниме, знаеме од колкаво значење може да биде еден постигнат гол на гостински терен и ќе сториме се за да го постигнеме. Борусија има одличен офанзивен тим, но и ние имаме напаѓачи со кои можеме да се пофалиме“ – изјави тренерот на Бенфика.
Традицијата вели дека Бенфика низ историјата дванаесет пати имала предност од 1-0 по првиот меч во европските купови, при што португалскиот гигант дури 11 пати се пласирал во следната рунда, а бил елиминиран само еднаш, по поразот од Андерлехт со 3-0 во Брисел на реваншот од третото квалификациско коло за ЛШ во 2004 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА