Борусија Дортмунд беше елиминирана од Купот на Германија, откако во трилер-дуелот со Вердер претрпе пораз по изведување на пенали. Лидерот во Бундес-лигата има за што да жали бидејќи во продолженијата имаше водство од 2-1, потоа и од 3-2, но не успеа да го сочува, па во пенал-рулетот потклекна пред гостите од Бремен.
„Милионерите“ се најдоа во негатива од 0-1 по само пет минути игра, но израмнија во последната минута од првото полувреме со евроголот од слободен удар на Марко Ројс. Капитенот на Борусија се повреди при тој погодок, па на самата пауза меѓу полувремињата беше заменет со Пако Алкасер.
Продолженијата беа супер-интересни, Борусија поведе преку Пулишиќ, Пизаро израмни на 2-2, а кога Хакими погоди за водство на домаќините од 3-2 се чинеше дека работата е завршена. Сепак, драмата кулминираше кога Харник со гол со глава во 119. минута израмни на 3-3, носејќи го мечот во пенал-рулет.
А тогаш блесна гостинскиот голман, кој во првите две серии ги запре ударите на Алкасер и на Филип, за голема победа на гостинскиот тим.
Баер Леверкузен неочекувано беше елиминиран во осминафиналето, откако загуби од второлигашот Хајденхајм (2-1). „Фармацевтите“ по првото полувреме имаа водство преку Брант, но примија два гола во вторите 45 минути и предвреме го завршија настапот во Купот на Германија.
Елиминиран е уште еден прволигаш, тимот на Нирнберг, кој загуби со 1-0 на гостувањето против Хамбургер.
Reus scored for #BVB pic.twitter.com/fJ5J9IhFuJ
— German Football Daily (@GERFootDaily) February 5, 2019
Pulisic goal. ? pic.twitter.com/EF7yk17Ox8
— USMNT Only (@usmntonly) February 5, 2019
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА