Поранешниот македонски селектор Бошко Ѓуровски е именуван за нов шеф на стручниот штаб на јапонскиот второлигаш Кјото Санга.
Ѓуровски изминатиов период веќе беше вклучен во стручниот штаб на Кјото, но како асистент на досегашниот прв тренер, Јапонецот Таканори Нунобе. Но, поради лошите резултати низ актуелнава сезона раководството на клубот се одлучи да му врачи отказ на Нунобе а улогата на шеф на стручниот штаб да му ја довери на македонскиот стратег.
За 56-годишниот Бошко Ѓуровски ова ќе биде втора тренерска активност на чело на јапонски клуб, откако во 2016 година беше прв тренер на прволигашот Нагоја. Сега ќе има сериозна задача со оглед на тоа што Кјото Санга го очекува жестока битка за опстанок во Втората лига.
Во својата тренерска кариера Бошко Ѓуровски ги водеше и екипите на швајцарски Сервет, како и српските Црвена Звезда, Рад и Раднички Обреновац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА